CategoriesUncategorized @mk

Кога и како се прави инхалација на бебе?

Зошто треба да имате инхалатор дома, какви раствори се погодни за инхалациите и кои се чекорите што треба да ги следите за максимален ефект.

Најважното:

  • Инхалациите кај бебињата, како и кај децата и возрасните, се ефикасен и брз метод за лекување на заболувања на дишните патишта.

  • Што треба да имате во домашната аптека, за да можете навремено да реагирате при отежнато дишење, и во какви случаи е погодно да прибегнете кон инхалации.

  • Како правилно да ги правите инхалациите – водич чекор по чекор.

Болно бебе е кошмар за секој родител – од висока температура, преку отежнато хранење, дишење, спиење, до едноставниот факт дека бебето не може да опише како се чувствува, понекогаш одбива лекови, дури и течности.

Родителите бараат начин да му помогнат на своето дете побрзо да закрепне и често прибегнуваат кон инхалации.

При симптоми како кашлица, хрема, отежнато дишење, инхалациите обезбедуваат брзо олеснување и придонесуваат за побрзо закрепнување. Добрата вест е дека можат да се применуваат од многу рана возраст – дури и кај бебиња. Тие делуваат директно врз дишните патишта, применувајќи го лекот локално врз инфламацијата, без да го оптоваруваат целосно бебешкиот организам. Инхалаторите (или небулизаторите) го претвораат течниот раствор во фина магла, која директно достигнува до белите дробови и го подобрува дишењето.

При какви состојби се погодни инхалациите? Кој инхалатор да изберете и кој раствор? Овој напис ќе одговори на сите важни прашања, за да бидете подготвени следниот пат кога вашето дете е болно.

Зошто инхалациите се погодни за бебиња?

Инхалациите се ефикасен метод за лекување на респираторни инфекции во сите возрасти, но особено кај бебињата. Тие брзо ги олеснуваат симптомите, спроведувајќи директно лекување врз дишните патишта, разредувајќи ги секретите и олеснувајќи го нивното исфрлање од телото. Кај бебињата ова е особено важен чекор во терапијата, бидејќи нивните дишни патишта се многу потесни, што ги прави подложни на компликации.

Инхалациите направени со физиолошки раствор се безбедни и можат да се користат дури и кај новородени бебиња. Тие ја навлажнуваат слузницата, ја намалуваат инфламацијата и ја олеснуваат кашлицата. Во случај кон лекувањето да е пропишан и лек, преку инхалациите тој се доставува директно во дишните патишта и закрепнувањето е многу побрзо.

Кога е погодно да правиме инхалации на бебе?

Постојат различни состојби кои бараат лекување со инхалации. Еве неколку од нив.

  • Хрема и заглавен нос: Инхалациите со физиолошки раствор помагаат за разредување на секретите и го олеснуваат дишењето.

  • Кашлица: Ги навлажнуваат дишните патишта и го олеснуваат искашлувањето.

  • Бронхиолитис и бронхитис: Инхалациите можат да ја намалат инфламацијата и да ја подобрат проодноста на дишните патишта.

  • Алергии: Помагаат за отстранување на алергените од носната слузница.

Во случај да станува збор за бебе под 6 месеци, ако досега не сте користеле инхалациона терапија за лекување, или бебето има хронични заболувања, задолжително консултирајте се со педијатар.

Како правилно да ја правиме инхалацијата?

Избор на инхалатор

Во аптеките и онлајн ќе најдете различни видови инхалатори (небулизатори), а изборот може да биде тежок, иако е од суштинско значење за ефикасноста на инхалациите кај бебиња. Постојат неколку основни видови инхалатори:

  • Компресорски инхалатор: Овој тип инхалатор користи компресиран воздух за создавање аеросол (фината магла која достигнува до дишните патишта). Погоден е за употреба со различни лекови и е ефикасен при лекување на долните дишни патишта.

Еден од недостатоците на компресорските инхалатори е тоа што се доста бучни, поради нивниот начин на работа. Кај бебиња и мали деца ова е од особено значење, бидејќи бучавата може да ги исплаши. На пазарот ќе најдете и исклучително тивки компресорски небулизатори – таков пример е Zano Inspire. Тој е ефикасен при класични инхалации со физиолошки раствор, но и при лекување со лекови при посериозни состојби. Zano Inspire е многу тивок и многу мал, што не ги плаши децата, дури напротив – со него и специјалните налепници со кои може да го украсите, инхалациите можат да се претворат во игра.

  • Ултразвучен инхалатор: Овој тип инхалатор користи ултразвучни бранови за создавање аеросол. Тој е покомпактен од компресорскиот инхалатор, но не е погоден за сите видови лекови.

  • Меш инхалатор: Овој инхалатор користи вибрирачка мембрана за создавање аеросол. Тивок е, компактен и ефикасен, но може да биде поскап.

Избор на раствор

Физиолошкиот раствор (0,9% натриум хлорид) е најчесто користениот раствор за инхалации кај бебиња. Тој е безбеден, ја навлажнува слузницата и помага за разредување на секретите. При посериозни состојби, како бронхиолитис на пример, педијатарот може да пропише и лекови кон растворот, како бронходилататори или кортикостероиди, во зависност од состојбата на бебето.

Важно е да се користат само стерилни раствори и да се почитуваат упатствата на педијатарот во врска со дозирањето и честотата на инхалациите.

Инхалациите чекор по чекор

Правилното спроведување на инхалацијата е од суштинско значење за ефикасноста на процедурата. Следете ги следните чекори:

  1. Подготовка на инхалаторот: Осигурајте се дека сите делови на инхалаторот се чисти и суви. Составете го уредот според книшката со упатства.

  2. Додавање на растворот: Истурете ја препорачаната количина физиолошки раствор или лек во резервоарот на инхалаторот.

  3. Поставување на маската: Ставете ја цврсто врз лицето на бебето, покривајќи ги носот и устата.

  4. Позиција на бебето: Држете го бебето во исправена положба или благо накривено назад, за да го олесните дишењето и доброто навлегување на аеросолот.

  5. Спроведување на инхалацијата: Вклучете го инхалаторот и оставете го бебето да го вдишува аеросолот околу 5-10 минути или според препораките на педијатарот.

  6. По процедурата: Исчистете ги сите делови на инхалаторот и оставете ги да се исушат на воздух. Измијте му го лицето на бебето за да ги отстраните остатоците од растворот.

Важно е инхалациите да се спроведуваат кога бебето е будно и мирно. Избегнувајте инхалации веднаш по хранење, за да спречите повраќање.

Заклучок

Инхалациите се ефикасен и безбеден метод за олеснување на симптомите при респираторни инфекции кај бебиња. Тие помагаат за навлажнување на слузницата, разредување на секретите и олеснување на дишењето. Важно е да се консултирате со педијатар во врска со користените лекови и строго да ги почитувате чекорите на процедурата. Со правилен пристап и добра информираност, ќе можете брзо и лесно да се погрижите за болното бебе и да ги спречите компликациите.

Извори:

https://www.medicalnewstoday.com/articles/nebulizer-for-baby

https://www.cchwyo.org/news/2022/august/how-to-use-a-nebulizer-for-a-baby

https://www.healthline.com/health/nebulizer-for-baby